Влекачи

Уште од 2007 година претставници од МЕД, Биолошкиот факултет во Белград и Центарот за биолошки истражувања во Шизе при Францускиот национален центар за научни истражувања (CNRS) спроведуваат популациски истражувања на три вида влекачи на островот Голем Град и во с. Коњско: шумската желка, рибарката и поскокот. Со овие истражувања опишани се бројни еколошки и еволутивни феномени кои ни помагаат подобро да ги разбереме овие животни, а со тоа и да го заштитиме неверојатното природно богатство на островот Голем Град. На овие истражувања учествувале студенти волонтери од целиот свет. За повеќе информации и можност за вклучување контактирајте го Драган Арсовски на arsovski@mes.org.mk

Рибарка со својот омилен плен – преспанска белвица

За жал, популацијата на рибарки (еден од двата вида водни змии во С. Македонија), која на Голем Град му го дала познатиот прекар „змиски остров“ поради нејзината неверојатна бројност, во последната деценија стрмоглаво опаѓа.

Отсуството на контрола на риболовот околу езерото доведува до масовно давење на овие животни во мрежите во кои е замотан нивниот омилен плен – преспанската белвица. Бројни мрежи се поставуваат скоро секоја ноќ околу оваа строго заштитена зона од НП „Галичица”. При вадење на само една мрежа успеавме да извадиме над 40 удавени единки.

Бројни мрежи се поставуваат скоро секоја ноќ околу оваа строго заштитена зона од НП „Галичица”. При вадење на само една мрежа успеавме да извадиме над 40 удавени единки. Помножете го овој број со бројот на ноќи кога се поставуваат мрежи и бројот на можни мрежи околу крајбрежјето на островот и лесно ќе добите енормни цифри, кои го објаснуваат тековното отсуство на овие змии од крајбрежјето на островот. Рибарките се предатори на рибите, но истовремено се и плен на голем број птици и цицачи. Колапсот на оваа популација повлекува промени на голем дел од мрежата на исхрана на Голем Град.

Поскок камуфлиран во својот природен хабитат на Голем Град

Многу потаинствениот и подобро камуфлиран поскок (еден од трите вида отровници во С. Македонија) на островот засега е во добра состојба. Со прелиминарна проценка од околу 80 единки на хектар површина од островот, ова лесно може да се квалификува како најгустата популација на овој вид во светот. Во отсуство на глодари, поскоците на островот се хранат со гуштери, мали змии и стоногалки, па истражувачите претпоставуваат дека ваквата исхрана е најверојатно и причина за џуџестата форма на оваа змија на островот (максимална должина од околу 50 cm).

Популацијата на шумски желки (еден од двата вида копнени желки во С. Македонија) на Голем Град е најгустата, но и најуникатната популација од овој вид во светот.

Шумска желка на плажата во с. Коњско

Екстремно нерамномерниот полов сооднос (17 мажјаци на една женка) има доведено до уникатни појави на сексуално однесување и селекција. Имено, агресивното додворување на мажјаците кое во урамнотежен сооднос на полови стимулира поголем прираст на популацијата, на Голем Град довел до ужасна состојба на малкуте женки, кои, најдени во небрано, изнашле бројни начини да ги избегнат мажјаците (меѓу другото и скок од високите карпи на островот). Оваа неодржлива состојба ќе доведе до неминовното изумирање на оваа популација. За (барем мала) среќа на женките, мажјаците, во недостиг на женки, својата сексуална енергија почнале да ја насочуваат кон најблиското нешто налик женка желка – желки мажјаци. Островот е првото место каде е забележано систематско хомосексуално однесување кај желки и како таков претставува неверојатна прилика за изучување на овој феномен кај една многу различна класа на животни (хомосексуалното однесување е пројавено кај голем број птици и цицачи, но не и кај влекачи).

Прибирање податоци од женка поскок

Овие научни истражувања досега имаат откриено неколку еколошки и еволутивни појави опишани во бројни меѓународни научни публикации во рамките на 4 докторски дисертации и бројни дипломски и магистерски трудови. Многу повеќе може да се прочита во следните публикации: