ПРОЕКТ ПРЕСПА

Почнувајќи од 2018 година, Македонското еколошко друштво и партнерите од прекуграничната мрежа на еколошки здруженија ПреспаНет го реализираат проектниот циклус „Проект Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Aage V. Jensen Charity Foundation и EuroNatur.

I. Прв проект (2018-2021) – “Strengthening NGO-led Conservation in the Transboundary Prespa Basin”

Првиот од трите проекти донесе значајни резултати за зачувување на природата и придонесе за зајакнување на самата мрежа на еколошки здруженија ПреспаНет.


Клучни достигнувања се:

  • Првата детална карта на живеалишта во влажните подрачја долж брегот на Преспанското Езеро;
  • Едукативни програми за деца и студентиниз сите три земји;
  • Подобро разбирање на големите месојади, нивната исхрана и конфликтите со човековите активности;
  • Пилот активности за обновување и управување со влажни подрачја во НП Езерани;
  • Заедничко информирање за активностите низ целиот регион.

Еден од најзначајните успеси е отворањето на локални канцеларии со постојан персонал во Албанија и Северна Македонија, што придонесува кон подобра координација и вклучување на локалните заедници.


Проектот се водеше според „Прекуграничната стратешка рамка за заштита на Преспа“ и постигна значаен напредок во:

  • Зајакнување на капацитетите на НВО секторот;
  • Поттикнување на прекугранични истражувања за природна заштита;
  • Подобрување на регионалната соработка.

II. Втор проект (2021-2024) – Biodiversity Conservation in Transboundary Prespa

Проектот ги поврзува целите на „Прекуграничната стратешка рамка за заштита на Преспа“, стратешките планови на партнерските организации и плановите за управување со заштитените подрачја.


Проектот е структуриран околу пет клучни програми:

1. Влажни живеалишта, водни птици и климатски промени – Фокусирана на влијанието на климатските промени, обновување на влажни подрачја, мониторинг на биодиверзитетот и првата проценка на ранливоста на Големо Преспанско Езеро на климатските промени. Се базира на искуството од Малото Преспанско Езеро и има за цел долгорочно и научно засновано донесување одлуки на прекугранично ниво.

2. Еколошка едукација и вклучување на јавноста – Со цел подигнување на свеста и вклучување на локалното население, зајакнување на еколошката едукација и проширување на иницијативите за граѓанска наука.

3. Заштита на видови – Насочено кон следење и заштита на клучни видови како што се крупните ѕверови, лилјаците и други загрозени видови од висок приоритет.

4. Заштита на езерски островски екосистеми – Вклучуваше активности за враќање на загрозени популации на водни птици и заштита на уникатните островски екосистеми, со поттикнување на институционална и прекугранична соработка.

5. Управување со локалните канцеларии и координација– Ефикасна имплементација преку постојана координација меѓу локалните тимови, партнерските организации и засегнатите страни од сите три земји.


Проектот ја зацврсти ПреспаНет како клучен актер во прекуграничната заштита на природата,  балансирајќи ги капацитетите на невладините организаии во трите земји, во насока на справување со сложените еколошки предизвици како што се климатските промени.

III. Трет проект (2024-2027) –“PrespaNet Project III: Biodiversity Conservation in Transboundary Prespa

Проектот се заснова на четири главни стратегии, насочени кон справување со клучните предизвици за заштита на природата во Преспа, особено во контекст на климатските промени:


1. Заштита на водните и влажните живеалишта – Оваа стратегија се справува со итната закана од климатските промени и нивното влијание врз влажните подрачја и водните птици во Преспа. Таа вклучува активности за подобро разбирање и управување со водните ресурси, организирање симпозиум за унапредување на знаењето и прекуграничен мониторинг на живеалишта и птици, за да се овозможи ефективна заштита базирана на реални податоци.

2. Консолидирање на заштитните иницијатививо Преспа – Се фокусира на зајакнување на управувањето со заштитените подрачја и поддршка на младите конзерватори. Преку теренски истражувања, следење на биодиверзитетот и едукативни програми (летни школи, кампови и програми за млади), стратегијата гради локални капацитети и ја поттикнува следната генерација конзерватори на природата.

3. Справување со приоритетни закани –  Со фокусира на важни закани како несоодветен развој на енергетски проекти и загрозување на безбедноста на дивиот свет. Пристапот е прекуграничен и заснован на заштита на цели предели, со идентификација на ранливи места и подготовка на политики, како и подигање на јавната свест и градење мрежи за справување со овие проблеми.

4. Зајакнување на локалното учество – Ја нагласува блиска прекугранична соработка и активното вклучување на локалните заедници. Оваа стратегија ги истакнува комуникацијата, јавната промоција и важната улога на локалните канцеларии во позиционирањето на заштитата на природата како приоритет во заедницата.


По десет години посветена работа, мрежата ПреспаНет станува клучен чинител во прекуграничната заштита. Овој проект има за цел да го задржи тој моментум и да продолжи со градење на одржлива иднина за овој исклучителен природен регион.