contact@mes-prespa.org
Архива

Мониторинг на желки на островот Голем Град во Преспа

Алексеј Ановски
Author
May 23, 2025
Updated May 23, 2025
1 min read
Мониторинг на желки на островот Голем Град во Преспа
Article Summary

Светскиот ден на желките (23 мај) има за цел да ја подигне свеста за потребата од заштита на желките и нивните сѐ позагрозени живеалишта ширум светот.

Светскиот ден на желките (23 мај) има за цел да ја подигне свеста за потребата од заштита на желките и нивните сѐ позагрозени живеалишта ширум светот. Токму во таа насока, го искористивме Светскиот ден на желките како повод за спроведување мониторинг на уникатната популација шумски желки на островот Голем Град во Преспа.

Голем Град е дом на една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот. Токму изолираноста на островот довела до уникатни адаптации во однесувањето и екологијата на овој вид, што го прави Голем Град витално место за научни истражувања и заштита на шумските желки.

За жал, оваа островска популација на желки е исто така екстремно ранлива. Нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени, предизвикуваат сериозни закани за долгорочниот опстанок на желките на островот.

На Светскиот ден на желките, не само што ги славиме овие исконски влекачи, туку потсетуваме на потребата за заштита на островот Голем Град и на поширокиот меѓуграничен регион Преспа. Преку континуирани истражувања, заштита на живеалиштата и регионална соработка, се стремиме да ја зачуваме богатата биолошка разновидност што ја прави Преспа толку посебна - за денес и за идните генерации.

Активностите се дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

Gallery