На островот живеат околу 1000 шумски желки – исклучително густа и навидум просперитетна популација. Меѓутоа, зад оваа бројност се крие сериозен проблем: половата структура е драматично нарушена. На секоја возрасна женка има по 19 мажјаци, што претставува екстремна диспропорција со далекусежни последици. Ваквиот дисбаланс резултира со изразена сексуална агресивност кај мажјаците, кои неретко се обидуваат да се „парат“ и меѓусебно. Женките се изложени на постојан прогон, стрес и физички повреди. Во обид да избегаат од агресијата, дел од женките завршуваат преку стрмните островски карпи - во провалија и сигурна смрт.
Вистинските причини или комбинација на фактори што довеле до оваа ситуација сè уште се нејасни. Сепак, доколку ваквиот популациски тренд продолжи, моделите сугерираат дека последната женка-желка на Голем Град би можела да исчезне до 2083 година. Ова прашање е нераскинливо поврзано и со уште една енигма: како овие желки воопшто се нашле на островот, имајќи предвид дека не се способни да го препливаат езерото.
Една од теориите е дека желките се донесени од страна на луѓето, и тоа во нееднаков полов сооднос. Тие се способни да живеат околу еден век доколку условите се поволни, а најстарите мажјаци на Голем Град имаат врежани бројки на долниот дел од оклопот – можеби индикатор во прилог на оваа теорија? Сепак, немаме конечни одговори.

Она што е сигурно е дека желките од Голем Град ќе продолжат да го привлекуваат вниманието на научната и светската јавност.
Линк до написот на Њујорк Тајмс: https://www.nytimes.com/2026/02/14/science/tortoises-island-sex-cliff.html
Линк до новиот научен труд на Драган Арсовски: https://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1111/ele.70296