ООУ „Мите Богоевски“ е најголемото основно училиште на територијата на Општина Ресен, со околу 550 активни ученици, што ја прави оваа соработка особено значајна во контекст на вклучување на голем број млади луѓе во едукативни процеси насочени кон заштита на природата и животната средина.
Со меморандумот, Македонското еколошко друштво ги става на располагање своите стручни и научни капацитети за поддршка на ООУ „Мите Богоевски“, преку организација на предавања и работилници од областа на екологијата. Посебен акцент ќе биде ставен на природните и културните вредности на Преспанскиот регион и нивното одржливо управување.
Соработката произлегува од потребата за посилно поврзување меѓу стручните невладини организации и јавните образовни институции, и тоа со цел подигнување на јавната свест за заштита и зачувување на природата, како и унапредување на знаењата и вештините на учениците преку практични и интерактивни активности.