За време на првиот ден беше направен осврт на активностите од тековиот проект „ПреспаНет III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur. Притоа, учесниците направија пресек на сето она што е досега реализирано во рамки на проектот, но и треба да се реализира во текот на претстојна 2026 година во рамки четирите проектни програми: „Зачувување на водните и влажните живеалишта“, „Консолидирање на заштитните интереси во Преспа“, „Справување со приоритетните закани“ и „Зајакнување на ангажманот со локалната заедница“.

Вториот ден беше посветен на дискусии за долгорочниот развој на мрежата и нејзината работа во Преспа, разгледувајќи ги прашањата поврзани со подготовката на идни проекти, ревидирање и надоградување на стратешката визија на ПреспаНет, изработка на заедничка комуникациска стратегија на нашата мрежа, но и прашања поврзани со идното функционирање на прекуграничниот „Преспа Парк“ на меѓудржавно институционално ниво.
Средбата беше можност уште еднаш да ја потврдиме нашата заедничка заложба и мисија за заштита и зачувување на природното наследство и биолошката разновидност на нашиот споделен дом – прекуграничниот Преспански Регион!