contact@mes-prespa.org
Еколошка едукација

Стипендии за универзитетски студии по екологија, биологија, шумарски и земјоделски науки

Игор Ефтимовски
Игор Ефтимовски
Автор
Март 31, 2026
Ажурирано Мар 31, 2026
1 мин читање
Стипендии за универзитетски студии по екологија, биологија, шумарски и земјоделски науки
Резиме на статијата

Македонското еколошко друштво доделува стипендии до 400 евра месечно за универзитетски студии по еколошки, биолошки, шумарски и земјоделски науки.

Програмата е наменета за средношколците од Преспа и има за цел да го надмине локалниот недостиг од кадар во природните науки поврзани со заштитата на природата и животната средина. На тој начин, идните студенти ќе можат да стекнат знаење и вештини што ќе им овозможат активно да придонесат кон зајакнување на локалните капацитети за заштита на природата во Преспанскиот регион.

Покрај финансиската поддршка што ќе ја добијат избраните студенти, Македонското еколошко друштво исто така ќе ги вклучи во својата менторска програма преку која ќе стекнат практично и теренско искуство во истражувањето и заштитата на видовите и живеалиштата во Преспа.

Повеќе информации за програмата за стипендирање, начинот на учество и критериумите за селекција, заинтересираните средношколци и нивните родители можат да добијат во локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен (кај старата пожарна), или преку електронска пошта на следните адреси: zaec@mes.org.mk и eftimovski@mes.org.mk.

Оваа програма за стипендирање се реализира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). 

Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.