Работилницата беше осмислена како интеграција на наставните предмети биологија и историја, при што на учениците им беше претставено како природната средина и локалниот биодиверзитет влијаеле врз повеќевековниот културен развој и обликувањето на културното наследство во Преспанскиот Регион.
Во тој контекст, учениците се запознаа со меѓусебната поврзаност на природното и културното наследство на седум значајни локалитети во прекугранична Преспа: островите Голем Град (Македонија), Мал Град (Албанија) и Свети Ахил (Грција), поранешните наколни населби кај Асамати и Наколец (Македонија), ридското утврдување Шурленско Кале (Македонија), како и пештерата Трен (Албанија).
Дополнително, беа презентирани и анализирани примери на археолошки наоди, чија симболика и форма јасно го одразуваат влијанието на околниот жив свет, нагласувајќи ја длабоката испреплетеност меѓу луѓето и природата во минатото.
Реаботилницата беше реализирана во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.