Акватичната и крајбрежната вегетација на Преспанското Езеро во Македонија била детално истражена во шеесетите години на минатиот век. Меѓутоа, резултатите од оваа студија денес се застарени, а згора на тоа, не е произведена ниту една детална карта за распространувањето на различните вегетациски типови.
Разграничувањето на различните типови живеалишта е клучно за да се одредат нивните вредности на локално и на глобално ниво. Тоа воедно би бил првиот чекор за да се забележат заканите под кои тие се наоѓаат и со тоа да се процени нивната состојба на зачуваност и можноста за долгорочна одржливост.
Препознавајќи ги горенаведените проблеми, во 2018 година, проф. д-р Љупчо Меловски и д-р Јоргос Фотиадис го иницираа и водеа препознавањето, проценката и картирањето на крајбрежните и езерските типови живеалишта во Преспанското Езеро.
Со теренската работа и анализите се утврдија 19 различни типови живеалишта (слика 1), од кои шест се наоѓаат на Анекс I од Директивата за живеалишта на Европската Унија, а два од нив се приоритетни живеалишта (природно може да се најдат само во границите на Европската Унија, а се под закана од трајно исчезнување): евлините шуми и панонските песочни степи, кои покрај тоа што се среќаваат само на македонската страна од езерото, во Македонија не може да се најдат во ниту еден друг локалитет.
