Влажни живеалишта

Крајбрежјето на Преспанското Езеро игра огромна улога во одржувањето на целото езеро. Често се вели дека блатата се бубрезите на нашата планета, па така појасот на трска и влажни ливади околу езерото се бубрезите на Преспанското Езеро, односно се одговорни за ублажување на неговата еутрофикација*

 

Имајќи го предвид огромното значење на влажните живеалишта, МЕД во 2018та за првпат изврши нивно детално картирање по езерското крајбрежје во Македонија.  

 

Ова е појдовна точка за препознавање на приоритетни живеалишта**, екстремно ретките растителни заедници, одредување на приоритети за следни истражувања, и одредување на степенот на загрозеност. Така, според картата на хабитати рипарискиот појас со приоритетното живеалиште евлови шуми заедно со влажните ливади беа идентификувани како приоритет за реставрација, односно менаџмент. Во 2020та се спроведоа пилот конзервациски активности на овие живеалишта во рамките на Паркот на природата „Езерани”.