Денес во Европа живеат околу 50.000 мечки, а 160 до 200 од нив се во Северна Македонија. Точноста на овие бројки треба да се потврди, но тоа не е едноставен процес. МЕД, во соработка со заштитените подрачја, активно поставува фотозамки за да утврди присуство на мечка, но и на други крупни цицачи (волк, лисица, јазовец, срна, итн.). Сепак, бројноста на популацијата на мечки не може да се одреди од фотографии, па истражувачите на Преспанет во 2018 годината почнаа да применуваат индиректни методи – собирање измет. Освен што ни нуди информација за исхраната на мечката во Преспа, свежо собраниот измет содржи генетски материјал кој преку молекуларни анализи може да ни ја открие бројностa на преспанската популација. Со оглед на големите пространства кои може да ги помине мечката, оваа активност би била особено бесмислена доколку се спроведува само во рамките на една држава.