Во пресрет на Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, во училишниот двор во преспанското крајбрежно село Езерани се одржа јавен настан на кој беа претставени неколку еколошки проекти за Преспа од програмата „ЕУ за Преспа“, меѓу кои и новиот проект на Македонското еколошко друштво кој ќе се реализира во следните четири години.
На настанот присуствуваа шефот на Делегацијата на Европската унија, Н. Е. Амбасадорот Михалис Рокас, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски и извршната директорка на Македонско еколошко друштво, м-р Робертина Брајаноска.
Проектот на Македонско еколошко друштво (МЕД) пред присутните граѓани го претстави проектниот-координатор Даниела Заец од ресенската канцеларија на МЕД, која истакна дека само со континуиран напор, заедничко дејствување и активно вклучување на заедницата можеме да обезбедиме долгорочна заштита и одржливо управување на Преспанскиот регион за идните генерации.
Првата активност предвидена со проектот е насочена токму кон еколошка едукација на најмладите, што беше демонстрирано и на конкретниот настан во училиштето во Езерани. Проектните-асистенти и едукатори на МЕД, Меги Дочовска и Драгана Трајчевска, остварија интерактивна работилница со присутните деца кои зедоа активно учество во друштвената игра „Преспа“, која за ваква намена ја има креирано Македонското еколошко друштво. Исто така, локалното население ќе има особен бенефит од реализацијата на проектот преку низа на мерки кои според планот на активности треба да се реализираат во Паркот на природата „Езерани“.
Проектот „Преспа – Зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“ е финансиран од Европската Унија, а кофинансиран преку Prespa Ohrid Nature Fund (PONT). Покрај Македонското еколошко друштво, партнери во реализацијата на проектните активности се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA). Проектот ќе се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.








