Денес, во живописното преспанско село Љубојно, сместено на западните падини на Баба Планина, одржавме едукативна работилница со најмладите ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“.
Работилницата се одвиваше во атмосфера исполнета со љубопитност и ентузијазам, каде што децата преку разговор, прашања и игри имаа можност да научат нешто повеќе за реките – нивниот значаен екосистем и суштинската улога што ја имаат во одржувањето на рамнотежата во природата.
Преку кратко предавање збогатено со визуелни примери и интерактивни активности, децата дознаа повеќе за тоа како реките обезбедуваат вода, храна и живеалишта за безброј видови, но исто така и како современите предизвици – загадувањето, прекумерното користење и климатските промени, можат да го нарушат овој кревок баланс.
Притоа, изборот на темата воопшто не беше случаен, туку поттикнат од претстојниот Светски ден на реките овој викенд. Дополнително, селото Љубојно не е случајно избрано како домаќин на работилницата. Во неговиот атар поминува и познатата Брајчинска Река – четвртата најдолга река во прекуграничниот Преспански регион, чии студени и со кислород богати води се дом на ендемичната Преспанска пастрмка (Salmo peristericus), исто така позната и како Пелистерска или Брајчинска пастрмка.
Работилницата се реализираше во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.
