Вчера во основното училиште „Мите Богоевски“ во Ресен одржавме едукативна работилница посветена на фантастичниот свет на лилјаците, со цел на најмладите да им го доближиме значењето и улогата на овие исклучително важни, но често погрешно разбрани животни.

Учениците преку интерактивно предавање имаа можност да се запознаат со екологијата на лилјаците – нивниот начин на живот, начинот на ориентација и летање, навиките за исхрана, значењето што го имаат во одржувањето на природната рамнотежа преку контрола на инсектите и опрашувањето на растенијата, но и заканите со кои се соочуваат во природата, особено оние предизвикани од човечките активности.

Работилницата заврши со креативна активност во која учениците, заедно со нашата едукаторка Меги Дочовска, изработуваа модели на лилјаци од секојдневни материјали. Преку оваа практична и забавна задача, децата не само што ја продлабочија својата љубопитност и разбирање за светот на лилјаците, туку и научија колку е важно да ја почитуваме и чуваме природата што нè опкружува.

Оваа едукативна активност беше реализирана како дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.