Птиците беа во фокусот на нашата нова едукативна работилница, реализирана по повод Светскиот ден на преселни птици со учениците од трето и петто одделение во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Ресен. Нашите едукатори Меги Дочовска, Драгана Пеликудовска-Трајчевска и орнитологот Славе Накев го претставија фантастичниот и разнолик свет на птиците, а потоа заедно со учениците изработуваа хранилки за птици од секојдневни материјали.

На овој начин, преку интерактивно учење, младите се запознаваат со биолошката улога и значењето на птиците, развиваат еколошка свест, одговорност и грижа кон животната средина, додека практичната изработка на хранилки им ја поттикнува креативноста и тимската работа, истовремено давајќи пример за позитивно влијание врз заедницата и поттикнување на активно учество во заштитата на природата.
Светскиот ден на преселни птици секоја година се одбележува втората сабота во мај и октомври, со цел да се подигне свеста за преселните птици и потребата од нивна заштита. Тие се соочуваат со голем број предизвици, како што се губењето на живеалишта, климатските промени и нелегалниот лов, што сериозно го загрозуваат нивниот опстанок. Овој ден нѐ потсетува дека заштитата на преселните птици е глобална одговорност, бидејќи нивните патишта минуваат низ многу држави и зависат од иницијативите за заштита на природата на меѓународно ниво.


Работилницата се реализираше во рамки на проектот „Преспа – зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.
 
								