Денес започнавме со спроведување на теренска анкета меѓу жителите на Преспа, со цел да добиеме појасна слика за тоа како се користат вештачките ѓубрива во земјоделството. Преку ова истражување, кое ќе ги опфати речиси сите населени места во регионот, сакаме подобро да ги разбереме практиките, предизвиците и свеста поврзани со ѓубрењето на овоштарниците.
Прашалникот е насочен кон идентификација на земјоделските практики (тип и обем на овоштарници, начини на управување, наводнување и избор на ѓубрива), разбирање на мотивацијата за употреба или неупотреба на ѓубрива, како и оценка на свесноста за почвени анализи пред нивна примена. Дополнително, ќе се истражува начинот на користење на вештачките ѓубрива (видови, количини, фреквенција и критериуми за избор), однесувањето кон органски алтернативи (органски ѓубрива и биостимулатори), како и економските фактори што влијаат врз одлуките на земјоделците.
Анкетата се спроведува според јасно дефинирана научна методологија, што ќе овозможи собраните податоци да бидат релевантни, прецизни и употребливи за идни анализи и препораки. Всушност, извлечените информации ќе ни помогнат подобро да ја разбереме состојбата на терен, но и да најдеме начини како да придонесеме за поодржливи земјоделски практики во Преспанскиот регион и следствено на тоа – да придонесеме кон поздрава животна средина за сите!
Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.