Денес во Малата сала на Општина Ресен одржавме тркалезна маса на тема „Крупните цицачи во Преспа: Состојба, предизвици и улогата на заедницата во нивната заштита“, на која учествуваа претставници на Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, ЈП Национални шуми, УНДП, претставници на локалните ловечки друштва, адвокати и други засегнати страни.

Во рамки на дискусијата беше разгледана улогата на заштитените подрачја, ловечките друштва и пошироката заедница во следењето и заштитата на дивечот и крупните цицачи во Преспанскиот регион. Притоа, особен акцент беше ставен на потребата од заедничко делување и координација меѓу институциите, организациите и граѓаните, со цел зачувување на биолошката разновидност и развојот на одржливи практики во управување со природните ресурси на Преспа.
Токму во таа насока, од страна на учесниците беа отворени повеќе теми и прашања, вклучувајќи ја потребата од поставување подобра сообраќајна сигнализација на патните правци каде е забележано зачестено движење на дивите животни, потребата од засилена употреба на камери и фотозамки за следење на крупните цицачи во заштитените подрачја и во ловиштата на територијата на Преспа, потребата од развој на интегриран систем за размена на податоци во однос на биодиверзитетот во регионот, како и потребата од повеќе активности за подигнување на јавната свест и адресирање на проблемите со криволовот.

Настанот се реализираше во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.