На 19 ноември реализиравме уште една едукативна работилница, овој пат во соработка со нашите партнери од Националниот парк „Галичица“, спроведена со учениците од шесто одделение при ООУ „Кочо Рацин“ – Охрид, ПУ с. Долно Лакочереј.

Заедно со нив ја игравме друштвената игра „Преспа“, преку која учениците се ставаат во улога на млади еколози што ги истражуваат и заштитуваат животните, растенијата и нивните живеалишта во прекуграничниот Преспански регион. На овој интерактивен и забавен начин, тие се стекнуваат со вредно знаење, но исто така добиваат и поттик за истражување и заштита на природата.
Работилницата се реализираше во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

