Со своето богато природно наследство и уникатни екосистеми, Преспа претставува идеална теренска лабораторија за следната генерација на био-конзерватори. Па така, како дел од Програмата за млади еколози, Македонското еколошко друштво ангажира студенти кои активно се вклучуваат во тековните активности за заштита што ги реализира маѓународната мрежа на еколошки друштва ПреспаНет.
Минатата недела, група студенти беа вклучени во истражувањето на балканскиот ендемит – македонски мрморец (Triturus macedonicus), придонесувајќи кон мониторингот и заштитата на неговите живеалишта во Националниот парк „Галичица“. Неговото следење вклучува фаќање и броење на единките со специјални мрежи, утврдување на нивниот пол и возраста и бележење на нивната шара за препознавање на единките во иднина. Ваквите истражувања резултираат со вредни податоци и извештаи за научниците, додека пак студентите стекнуваат практично искуство во теренската работа и конзервациската наука.
Македонскиот мрморец е вид на опашест водоземец кој се среќава само во јузападните предели на Балканскиот Полуостров, вклучувајќи го прекуграничниот регион Преспа. Овој вид преферира чисти, мирни водни тела како локви и мочуришта, опкружени со влажни копнени живеалишта како шуми и ливади. Видот е ранлив поради губење на живеалиштата, загадување на водите и влијанието на климатските промени. Затоа, следењето на неговата популација помага во планирањето на ефикасни конзервациски мерки за заштита на поширокиот биодиверзитет во преспанскиот регион.
Активностите се дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.


