Денес, 16 јули, го одбележуваме Светскиот ден на змиите со цел подигнување на јавната свест за нивната витална улога во екосистемот. Иако средбите со овие влекачи се често проследени со страв и недоразбирање, тие се неопходни за одржување на еколошката рамнотежа и имаат голема важност за луѓето (како што е на пример контролата на популациите на глодари и следствено на тоа – заштита на земјоделските посеви).
Во светот постојат околу 3,600 различни видови на змии, додека пак на територијата на Македонија се среќаваат 16 видови од кои само три се отровни. И покрај нивната разновидност и прилагодливост, многу видови змии се соочуваат со закани од губење на живеалиштата под влијание на антропогени и климатски фактори.
Светскиот ден на змиите е можност да научиме нешто повеќе за овие фасцинантни суштества и да ги поддржиме напорите за нивна заштита. Преку редовни истражувачки кампањи, Македонско еколошко друштво е целосно посветено на истражувањето и заштитата на змиите и нивните живеалишта.
Такви беа и нашите неодамнешни активности за мониторинг на популацијата на змии-рибарки (Natrix tessellata) на островот Мал Град во албанскиот дел на Преспа, спроведени заедно со нашите партнери и соработници од PPNEA и SPP во рамки на прекуграничната мрежа на еколошки организации ПреспаНет, потпомогнати од стручни лица од Биолошкиот факултет во Белград.