Денови на Европскиот Зелен Појас 2025

Линијата што со децении ја разделуваше Европа,
денес е симбол на прекугранична соработка и заштита на природата!
 
 
Во периодот од 11 до 24 септември ги одбележуваме Деновите на Европскиот Зелен Појас. Од студеното Баренцово Море на север, па сè до толите медитерански води на југ, Европскиот Зелен Појас го претставува ’рбетот на европската „зелена инфраструктура“ – насочувајќи активности и иницијативи за заштита на биодиверзитетот и создавањето нови можности за одржлив развој на локалните заедници.
 
Идејата за Европскиот Зелен Појас се појави во 1989 година како граѓанска иницијатива за заштита на животната средина по падот на Берлинскиот ѕид, кога локалните напори за заштита на природата, долж поранешната Железна завеса, постепено прераснаа во трансконтинентална мрежа на заштитени подрачја. Повеќе од една деценија подоцна, иницијативата беше формално поддржана и реализирана на заедничка европска конференција одржана во 2003 година во Бон, Германија.
 
Денес, Европскиот Зелен Појас поврзува национални паркови, природни резервати и заштитени хабитати во 24 европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, така создавајќи уникатен еколошки коридор долг 12.500 километри кој ја следи траекторијата на поранешната Железна завеса.
 
Македонското еколошко друштво секоја година ги одбележува овие датуми и се приклучува кон прославата на благородната мисија на Европскиот Зелен Појас. Оваа година, Иницијативата за Европскиот Зелен Појас ги препозна нашите напори и објави статија посветена на управувањето со влажните ливади во Преспа. Овие живеалишта, богати со живот и клучни за одржување на биолошката разновидност во регионот, се исто така важни за поттикнување на одржливи практики во развојот на локалното сточарство. Повеќе за оваа активност можете да прочитате на следниот ЛИНК.
 

Споделете:

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина.