Нашите Драгана Пеликудовска-Трајчевска и Меги Дочовска се дел од документарниот филм „Што ја гуши Преспа?“ кој минатата недела премиерно се емитуваше на Телевизија Сител.
Преку серија разговори со повеќе засегнати страни, документарецот ги обработува проблемите со кои се соочува Преспа во однос на управувањето со отпадните материи и нивното негативно влијание врз животната средина. Притоа, претставничките на Македонското еколошко друштво ја даваат научната перспектива на овој проблем, истакнувајќи ја нераскинливата поврзаност на сите компоненти во екосистемот и објаснуваат како неправилното одлагање на отпадот, постепено, преку природата, негативно се одразува и врз луѓето. Од друга страна, тие објаснуваат како влажните живеалишта, кога правилно се управуваат, можат да служат како природен филтер што ги спречува штетните материи да се влеваат во водите на Преспанското Езеро и така придонесуваат кон неговата заштита.
Документарниот филм е изработен од Институтот за комуникациски студии, во соработка со ТВ Сител, во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, преку проектот „Поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпад во регионот на Преспа“, поддржан од Европската Унија. Соработници во проектот се Македонското еколошко друштво и Еко-Герила Преспа.