Светски ден на влажните живеалишта

Светски ден на влажни живеалишта


Влажните живеалишта во Преспа треба да се приоритет за заштита и управување поради климатските промени и бројните закани врз нив

 

Влажните живеалишта и нивното уништување

Од поодамна влажните живеалишта во преспанското сливно подрачје важат за прибежиште за биолошката разновидност, играјќи и клучна улога за добросостојбата на локалните заедници што низ вековите се развиваат покрај нив. Долготрајните суши, намалените врнежи, со последователното влијание врз водните ресурси, како и видното намалување на водостојот, особено кај Големото Преспанско Езеро, се само дел во низата последици од климатската криза која во преспанскиот слив зема сè поголем замав.

Влијанието на климатската криза и потребата да се обноват влажните живеалишта

Климатските промени во преспанскиот слив се особено одразени во динамичните влажни екосистеми, и во едно влажно живеалиште тие може драматично да го видоизменат растителниот свет, функцијата, но и екосистемските услуги со кои тоа располага, т.е. придобивките што луѓето ги имаат од езерата и од влажните живеалишта. Со проширувањето на појасот од трска и намалувањето на влажните ливади се стеснуваат мрестилиштата за рибите, а тоа на долг рок може силно да го погоди рибарството. Без евловиот крајбрежен појас ќе ја снема заштитата од ерозија и поплави, нутриентите што се одлеваат од земјоделските површини нема да се филтрираат, а нови вакви живеалишта ќе има сè помалку. Ако пресушат влажните живеалишта, водоземците ќе ги загубат своите репродуктивни јадра и со тоа ќе загубиме важен регулатор на штетници (како комарци и други инсекти).

Повеќе од потребна е обновата на влажните живеалишта и таа треба да зема примат во сите делови од Преспа.

За уништувањето на влажните живеалишта: картирање влажни живеалишта

Осврнувајќи се на уништувањето околу двете езера во Преспа, организациите од Преспанет создадоа прекугранична карта на влажните живеалишта. Картирањето, спроведено според насоките од Директивата за живеалишта на ЕУ, се заврши во 2021 г. и откри опсежен мозаик од живеалишта, и тоа 13 приоритетни живеалишта со еколошка вредност, од кои 7 се среќаваат во трите земји. Пропратно се евидентираа притисоците и заканите по нивните интегритет и функции, особено во врска со опаѓачкиот водостој и долгогодишната суша поради климатската криза.

Спроведување мерки за справување со притисоците

Овој запис на најважните притисоци и закани, прв од ваков тип, понуди насоки со кои ќе се конципираат соодветни предлози за реставрација, а на организациите од Преспанет ќе им овозможат насочено делување, локално, околу самото влажно живеалиште.

МЕД, дома и прекугранично, беше пионер во обновата на евлови шуми, како приоритетно живеалиште од ЕУ, и тоа во Паркот на природата „Езерани“. Досега во рамки на подрачјето реставрирана е површина од 0,8 ha со засадување на 1000 садници, а притоа уште 2000 садници беа произведени во соработка со локалниот расадник на јавното претпријатие „Национални шуми“ во Асамати. Од 2021 г. МЕД ја следи динамиката на крајбрежните живеалишта и на заканите со кои се соочуваат, фокусирајќи се на можниот премин на влажните живеалишта во суви, и на проширувањето на земјоделските површини. Најпосле, МЕД во ПП „Езерани“ спроведе и пилот-активности за управување со влажни ливади на површина над 10 ha, а притоа од полза ќе бидат и активностите за истражување и мониторинг на еколошките функции, особено за квалитетот на водата и намалениот водостој.

Со картирањето на приоритетните живеалишта во Националниот парк „Преспа“ во Албанија не само што се утврдија пет приоритетни живеалишта, туку им се одредија заканите и состојбата на зачуваност. Осврнувајќи се на прекумерното напасување, како значајна закана во четирите крајбрежни села во земјата, ППНЕА, заедно со тим од експерти, во 2022 г. започна со подготовка на план за напасување. Студијата вклучуваше 14 експериментални парцели распоредени по сите типови живеалишта, а целта беше да се сфати влијанието од напасувањето врз живеалиштата и растителната разновидност. Во рамки на активностите се спроведоа и 42 анкети со сточари од Преспа. Резултатите на управувачите со заштитените подрачја ќе им овозможат подобри практики за управување и одржливо користење на ваквите живеалишта. Искуството на партнерите од Преспанет на ППНЕА ќе ѝ помогне во реставрацијата на една евлова состоина кај Малото Преспанско Езеро, за која се очекува дека ќе овозможи подобра филтрација на нутриенти и со тоа ќе го подобри квалитетот на водата.

Темелејќи се на долгогодишното искуство во зачувување на популациите на ендемски риби и значајни птици гнездилки преку реставрација на влажните живеалишта, СПП неодамна ги прошири своите активности и на површина над 370 ha обновуваше влажни ливади и други крајбрежни живеалишта на Малото Преспанско Езеро. Реставрациските активности во рамки на проектот од Лајф-програмата, „Водните птици на Преспа“ (2007–2021 г.), се стремеше да ги ублажи влијанието што нискиот водостој напролет го има врз мрестилиштата и хранилиштата и влијанието што ширењето на појасот од трска го има врз влажните ливади. Притоа внимание се обрна и на други влијанија од климатските промени, како што се пожарите на појасот од трска, за што се прават противпожарни прегради околу колониите на значајните видови водни птици.

Од 2022 г., активностите за обнова на влажните живеалишта во Грција се проширија низ целиот слив, опфаќајќи значајни крајбрежни и шумски живеалишта, и тоа, евлови шуми крај водотеци на преспанскиот слив и покрај самото Преспанско Езеро. Во таа смисла, СПП го спроведува Лајф-проектот „Зелените и сините артерии на Преспа“, преку кој се сака да се стекнат подобри сознанија за функциите и вредностите на ваквите екосистеми и така тие да се промовираат. Досега се собираа научни податоци, се направи обид за справување со заканите по водотеците и околните живеалишта, се рехабилитираа подрачја што служат како мрестилиште за ендемски риби, се подигаше јавната свест и поинтензивно се вклучуваа луѓето од заедницата.

Долгорочна полза од активностите за обнова и зачувување

Обновата на влажните живеалишта низ преспанскиот слив нуди поголема полза, односно, така позитивно се влијае врз мештаните од прекуграничното подрачје. Со управување на влажните ливади и други крајбрежни живеалишта може да се произведе значително количество крма и да се одржува напасувањето на стоката. Кај Малото Преспанско Езеро сточарите активно косат и имаат корист од производството на бали, а притоа, напасувајќи ја стоката на конкретни крајбрежни површини тие ги регулираат и растителните заедници. Исто така, од сламата произведена преку активностите за управување со влажните ливади во ПП „Езерани“ корист имаа локалните сточари и репродуктивниот центар за елени во Националниот парк „Галичица“, со што се создаде скоро идеална сообразност меѓу заштитарските активности во поширокиот преспански регион.

Се очекува дека од обновата на евловите шуми полза ќе имаат мештаните, и тоа поради контролата на поплави и ерозија, а во примерот со ПП „Езерани“, се покажа дека подигањето садници преку поддршка и ангажирање на локалните расадници нуди можност за вработување, а тоа во иднина може да го подобри животниот стандард на мештаните. Локалните управувачи со заштитени подрачја имаат важна улога во поддршката и организирање на активностите, а притоа соработка се бара на сите нивоа и во сите фази. Партнерите од Преспанет организираат обуки за студенти, млади професионалци и луѓе од праксата, а воедно спроведуваат и еколошка едукација за локалните училишта и информативни настани за локалната заедница. Уште од 2018 г. партнерите од Преспанет и управувачите со заштитените подрачја од преспанскиот слив имаат направено работна група и еднаш годишно се состануваат за да го дискутираат напредокот, да разменат информации и да промовираат заеднички активности во врска со обновата на влажните живеалишта.

 

Потребата од координирано заштитарско делување на прекугранично ниво во преспанскиот слив претставува двигател во работата на мрежата Преспанет. Преспанет во моментот со Еуронатур соработува на тригодишниот „Проект- Преспа“, финансиран од Фондот за природа „Преспа – Охрид“(ПОНТ) и Фондацијата „Јенсен“.

Друштвото за заштита на Преспа (СПП) во Грција за тековните активности за реставрација на влажни живеалишта, спроведени под капата на проектот „Зелените и сините артерии на Преспа“, е поддржано од „Иницијативата за медитерански слатководни екосистеми“ (ДИМФЕ).

Светскиот ден на водните живеалишта е всушност датумот на усвојување на конвенцијата за водните живеалишта во 1971 година во иранскиот град Рамсар. Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро користат сите водни живеалиште преку активности кои се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка. Преспанското Езеро е прво Рамсарско подрачје во Македонија. Република Македонија го предложи Преспанското Езеро и неговите водни површини имајќи ја предвид важноста на овој 2-3 милиони години стар екосистем кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето како резултат на богатиот диверзитет на живеалишта и видови.

Споделете:

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

ПОВЕЌЕ НОВОСТИ

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина.