Косење на влажните ливади во Преспа 2025

Веќе шеста година по ред, Македонско еколошко друштво го координира косењето на влажните ливади во Преспа – активност што се реализира во соработка со Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, локални сточари и земјоделци.

 

Заштитата и управувањето со влажните ливади во Преспа, базирано врз конкретни научни податоци и истражувања, има големо значење од еколошки и социо-економски аспект. Имено, од една страна, заштитата на ливадите е важна за одржување на биолошката разновидност во регионот, а од друга страна – за поттикнување на одржливи практики за развој на локалното сточарство и превенцијата на пожари.

 

 

Овогодинешните активности за косење на влажните ливади се во финална фаза, а добиеното сено ќе биде предадено на локални сточари и на Националниот парк „Галичица“ во нивниот репроцентар за европскиот елен.

 

Македонското еколошко друштво со секоја наредна година се стреми да ја прошири оваа активност со вклучувањето на сѐ повеќе чинители и корисници. За таа цел, со акцент на локалната вклученост и застапништво, организираме презентација и тркалезна маса од отворен формат на тема „Влажните ливади во Преспа: Значење, заштита и управување“, која ќе се одржи на 19.06.2025 година (четврток) во Малата сала на Општина Ресен, со почеток од 13:30 часот.

 

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

Споделете:

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина.