Македонско еколошко друштво веќе шеста година по ред го координираше косењето на влажните ливади во Преспа – активност што се реализира во соработка со Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, локални сточари и земјоделци.
Оваа година беа покосени околу 18 хектари на ливади и собрани околу 70 тони на сено, кое потоа беше предадено на десетина локални сточари и на Националниот парк „Галичица“ во нивниот репроцентар за европскиот елен.
Заштитата и управувањето со влажните ливади во Преспа, базирано на научни податоци, истражувања и успешни практики спроведени во други региони од Европа и Светот, е важно за одржување на биолошката разновидност и унапредување на екосистемските услуги во регионот, за поттикнување на одржливи практики за развој на локалното сточарство, како и за превенцијата на пожари на северното езерско крајбрежје.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.