contact@mes-prespa.org
Еколошка едукација

Одбележан Светскиот ден на желките со теренска едукативна работилница во Коњско

Игор Ефтимовски
Игор Ефтимовски
Автор
Мај 27, 2026
Ажурирано Мај 27, 2026
1 мин читање
Одбележан Светскиот ден на желките со теренска едукативна работилница во Коњско
Резиме на статијата

Секоја година, на 23 мај, го одбележуваме Светскиот ден на желките - ден посветен на подигнување на свеста за значењето на желките и нивната незаменлива улога во природата и нејзините екосистеми.

По овој повод, во живописното преспанско село Коњско организиравме теренска едукативна работилница со учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Ресен, приближувајќи им го фасцинантниот свет на желките и начинот на кој биолозите ги проучуваат овие интересни и важни влекачи.

Преку практични активности на терен, учениците се запознаа со методите што се користат за пронаоѓање, набљудување и истражување на желките, како и со различните видови што живеат во Преспанскиот Регион – блатната и шумската желба, при што фокусот овој пат беше насочен кон шумските желки. Учениците имаа можност одблизу да дознаат повеќе за нивниот начин на живот, нивната улога во природната рамнотежа и значењето од нивната заштита.

Воедно, разговаравме и за бројните закани со кои се соочуваат желките денес –климатските промени, уништувањето и фрагментацијата на живеалиштата, како и различните човечки влијанија што го загрозуваат нивниот опстанок. Со ваквите активности, најмладите не само што стекнуваат нови знаења, туку развиваат и чувство на одговорност и грижа кон природата, препознавајќи дека зачувувањето на биолошката разновидност е заедничка обврска на сите нас.

Оваа работилница беше реализирана во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.