contact@mes-prespa.org
Еколошка едукација

Повик за аплицирање: Прекугранична летна школа во Преспа [2026]

Игор Ефтимовски
Игор Ефтимовски
Автор
Мај 02, 2026
Ажурирано Мај 02, 2026
3 мин читање
Повик за аплицирање: Прекугранична летна школа во Преспа [2026]

Повик за аплицирање
Прекугранична летна школа 2026 во Преспа
– за студенти и млади еколози

Традиционално знаење и 
современи еколошки практики

27 – 31 јули 2026 | Отешево, Преспа, Македонија
Краен рок за аплицирање: недела, 21 јуни 2026

 

Ги покануваме младите еколози од Македонија, Албанија и Грција да ја истражат и доживеат уникатната природа во регионот на Преспанските Езера на Прекуграничната летна школа 2026 во Преспа, организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со партнерите од ПреспаНет: Друштвото за заштита на Преспа од Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA).

Преку внимателно осмислени активности, вклучувајќи теренска работа, предавања од експерти и интерактивни работилници, околу 15 - 20 студенти ќе имаат можност непосредно да ги искусат природните вредности на Прекуграничниот биосферен резерват Преспа-Охрид, запознавајќи се со локалното традиционално знаење и современите еколошки практики во управувањето со природните ресурси.

Теми (подложни на измени):

  • Влијанијата на климатските промени врз хидрологијата на езерскиот систем Преспа-Охрид

  • Практична обука за научно истражување на диви видови

  • Традиционални и современи пристапи во земјоделските практики и управувањето со влажните живеалишта

  • Социо-економски и културни перцепции на екосистемските услуги и функционалноста на пејзажот

  • Употреба на дигитални алатки за мониторинг и мапирање на видови и живеалишта

  • Прекугранични перспективи и комуникација со заедниците.

Право на учество:
Аплицирањето за летната школа е отворено за сите универзитетски студенти (додипломски и магистерски студии) или неодамнешни дипломци (до 3 години по дипломирањето) од Македонија, Албанија и Грција, кои студираат/ле биологија, екологија, земјоделство, шумарство или сродни области, со силен или докажан интерес за прашања поврзани со заштита на животната средина и зачувување на природата.

Придобивки за учесниците:

  • Ќе го истражите и доживеете еден од најуникатните и најубави прекугранични биосферни резервати во Европа

  • Ќе стекнете практично и теоретско знаење, корисно за вашиот понатамошен развој во области поврзано со заштитата на природата и управувањето со природни ресурси

  • Ќе имате можност за вмрежување со врсници и експерти од сите три земји.

Клучни информации за апликантите

Кога: 27 – 31 јули 2026
Каде: Отешево, Преспа, Македонија
Котизација: Бесплатно – сместувањето и храната ќе бидат целосно покриени
Јазик: Англиски
Краен рок за аплицирање: 21 јуни 2026
Аплицирајте на следниот ЛИНК.

Предност ќе имаат кандидати од Преспа или околните региони или оние кои студираат на регионални универзитети.

Официјален јазик на летната школа ќе биде англискиот јазик и доброто познавање на англиски треба да биде демонстрирано во апликацијата.

Трошоците за храна, сместување, транспорт и осигурување за избраните кандидати ќе бидат целосно покриени. Дополнителни информации ќе бидат доставени по селекцијата на учесниците.

За да аплицирате, ве молиме пополнете го образецот за аплицирање достапен ТУКА, најдоцна до полноќ на 21 јуни 2026 година. Апликантите ќе бидат известени за конечната селекција најдоцна до 3 јули 2026 година.

За ПреспаНет и Прекуграничната летна школа во Преспа

Мрежата на еколошки невладини организации ПреспаНет е основана во 2013 година со цел унапредување на заштитата и зачувувањето на природата и биодиверзитетот во прекуграничниот Преспански Регион, водена од четири стратешки столба:

  1. Зачувување на водните и влажните живеалишта

  2. Консолидирање на интересите за заштита на природата во Преспа 

  3. Справување со приоритетни закани 

  4. Зајакнување на локалниот ангажман.

Како дел од нашите напори во областа на еколошката едукација, Прекуграничната летна школа во Преспа се организира секоја година од 2018 година – на ротациона основа помеѓу трите земји - домаќини. Нејзината цел е да ја зајакне следната генерација млади еколози преку поттикнување размена на знаења, практични вештини и долгорочна ангажираност со богатото природно и културно наследство на регионот.

Годинешното издание на летната школа е организирано од Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со партнерските организации на ПреспаНет – Друштвото за заштита на Преспа од Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA), преку проектот „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Фондот за природа „Преспа - Охрид“, Фондацијата Ааге В. Јенсен и ЕуроНатур.