Истражување и управување со влажни ливади

Согласно сите утврдени значајности, уште од почетокот на 2019-та година, тим експерти на МЕД отпочна со пилот активности за управување на влажните ливади околу Преспанското Езеро. Најпрвин, беше утврдена нивната дистрибуција долж преспанското крајбрежје (Слика 1) со вкупна површина од 547 ha. Хабитатната карта откри четири различни типа влажни ливади во македонскиот дел од Преспа: 

Слика 1. Распространување на влажни ливади долж преспанското крајбрежје. Боите на текстот десно соодветствуваат со боите на осенчените крајбрежни живеалишта
  • Медитерански високо тревести ливади (Mediterranean tall humid herb grasslands of the Molinio-Holoschoenion), 
  • Ливади со Carex (Beds of large Carex spp.),
  • Ливади со Calamagrostis (Calamagrostis epigeios comm.),
  • Ливади со Trifolium. (Helleno-Moesian riverine and humid Trifolium meadows)

Ливадите со Calamagrostis се најшироко застапени со нешто помалку од 400 ha. Следеше пресметка на биомаса преку екстраполации на анализите од примероци собрани од терен. Вкупната биомаса на влажните ливади во регионот изнесува нешто помалку од 2000 тони, од кои ливадите со Calamagrostis изнесуваат дури ~1200 тони. 

За да го потврдиме социо-економското, како и културолошкото значење на влажните ливади, беа спроведени интервјуа (во форма на прашалници-анкети) со локалните жители во поголем број населени места на територијата на општина Ресен. Севкупно беа пополнети 59 прашалници со сопственици на влажни ливади. Од нив, 44% ги косат своите ливади со што ја задоволуваат целосната прехрана за својот добиток, а 56% велат дека немаат потреба од сено, па затоа и не ги косат. Половина од овие сепак би ги коселе своите ливади доколку добиваат субвенции за произведеното сено.

Беа спроведени и краткотрајни истражувања на биодиверзитетот кои открија дури три нови вида пајаци за Македонија и три нови вида скакулци за Преспа, но и огромни негативни разлики во видовиот диверзитет на ливадите изложени на земјоделските практики во регионот.

Препораките кои произлегоа од резултатите добиени од активностите во 2019та година дадоа неколку насоки за подобрување на состојбата на влажните ливади. Меѓудругото, беше предложено спроведување на пилот проект за стимулирање на летно косење на влажните ливади, отстранување на сеното (биомасата), и распределување до локалните сточари за употреба како храна за добитокот. Хронолошки преглед на пилот активностите би изгледал вака:

(1) Селекција на парцели од влажни ливади за косење

Во рамки на оваа активност беше направен систем од критериуми за избор на соодветна парцела на која би се спровело косењето:

  • да бидат во рамки на Паркот на природа „Езерани“.
  • да не бидат во рамки на зона за строга заштита.
  • да бидат во државна сопственост.
  • да бидат просторно дитрибуирани како „пуфери“ помеѓу насади – овоштарници. 
  • да бидат поголеми од 2 хектари.
  • да има пристапни патишта за движење на механизација за косење.

(2) Комуникација и партнерство со општина Ресен како управувач со ПП „Езерани“ – во оваа активност се опфатени рабтони состаноци и теренски посети со претставници на заштитеното подрачје.

(3) Избор на соодветни техники на косење и ангажирање на косачи – Беа ангажирани локални косачи со соодветна техника и механизација за косење за добивање на употребливо сено.

(4) Косење на ливадите – оваа активност се спроведе во втората половина од месец август. Вкупно беа искосени 16.054 m2. Од таа искосена површина 11.858 m2 припаѓаат на заедницата претставена од Calamagrostis epigejos и 4.196 m2на состоини од големи форми на Carex spp.

(5) Сушење, собирање и балирање на сеното – овие активности беа спроведени до крај на август. Вкупно беа избалирани 350 бали на сено од ливадите.

(6) Избор на локални сточари и распределба на сеното – претставници на општина Ресен и МЕД го распределија балираното сено.

Споделете:

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

ПОВЕЌЕ НОВОСТИ

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина.