Екологијата главна тема во Охрид, Македонско еколошко друштво собра над 200 научници од Европа

Македонското еколошко друштво годинава одбележува 50 години од своето постоење и работа, а викендов во Охрид го организира Шестиот Конгрес на еколозите со меѓународно учество. На настанот својата работа ќе ја претстават 146 автори и над 50 посетители, коавтори на научни трудови и соработници. На конгресот учествуваат претставници од земјава, како и од Косово, Србија, Бугарија, Полска, Грција, Словенија, Хрватска и други.

Главните теми за кои ќе се зборува на Конгресот се однесуваат на проучувањето на популациите и екосистемите, хидробиологијата, управувањето со водите и мониторингот, биодиверзитетот и заштитата, шумарството и земјоделството, управувањето со природни ресурси, загадувањето и заштитата на животната средина, како и за промените во животната средина и еколошката едукација.

Според претседателот на МЕД, професорот Славчо Христовски, конгресот на македонските еколози овозможува соработка и размена на искуства со колеги од целиот регион и пошироко.

„Петдецинското постоење на МЕД зборува дека сериозно и посветено работиме и спроведуваме бројни активности во заштитата на животната средина. Свесни сме дека не секогаш оди онака како што сакаме, но имаме континуиран прогрес. Сега сме во Охрид кој е исправен пред многу предизвици, но важно е што државата е свесна за значењето на Охридскиот регион и што постулатите поставени во 1979 година важат и денеска, а на нас останува да ги имплементираме. Во таа насока очекуваме да биде донесен просторниот план и планот за управувањето со крајбрежјето на Охридското езеро“, рече Христовски.

Како што информираат Македонското еколошко друштво, одржувањето на овој конгрес е од големо значење за еколозите со оглед на тоа што ова е единствен научен собир од ваков тип во Македонија. Се очекува дека на конгресот ќе земат учество повеќе од 200 научни работници од земјава и од странство, со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина.

„МЕД е најстарата еколошка организација во земјава која во последните 20 години интензивно работи на истражувања на вредностите на биодиверзитетот и различни подрачја кои се од интерес за заштита. Вклучени сме во сите процеси за прогласување на нови заштитени подрачја, и сме особено горди на Осоговските планини и Малешевските планини како заштитени предели и Шар Планина како национален парк, за кои останува да се грижиме и за правилно управување, мониторинг и зачувување на живеалиштата и обновување на оние делови кои се уништени. Горди сме и на прогресот што се постигнува во последните години и што мрежата на заштитени подрачја изнесува повеќе од 13 отсто од територијата“, рече Робертина Брајановска, извршен директор на МЕД.

Споделете:

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

ПОВЕЌЕ НОВОСТИ