contact@mes-prespa.org
Заштитени подрачја

Заврши косењето на влажните ливади во Преспа

Игор Ефтимовски
Игор Ефтимовски
Автор
Јули 09, 2026
Ажурирано Јул 09, 2026
1 мин читање
Заврши косењето на влажните ливади во Преспа

Успешно ја завршивме овогодинешната сезона на косење на околу 20 хектари влажни ливади во Преспа, реализирана во соработка со Општина Ресен и Паркот на природата „Езерани“. Со ова ја одбележуваме седмата година по ред во која оваа значајна активност придонесува за зачувување на едно од највредните живеалишта во Преспанскиот Регион.

По тој повод, кај нашите пријатели од "Spirit of Prespa" одржавме завршен настан на кој присуствуваа претставници на Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, УНДП и локални жители.

На присутните им се обрати Лазар Николов, координатор на активноста, кој направи осврт на развојот на управувањето со влажните ливади во изминатите седум години, истакнувајќи го нивното еколошко и екосистемско значење. Тој посочи дека овој модел претставува успешен пример за интегриран систем на одржливо управување, во кој институциите, управувачите со заштитените подрачја и локалната заедница заеднички се грижат за зачувување на природата, а придобивките повторно се враќаат кај луѓето и природата.

Годинава беа обезбедени околу 120 тони сено кое пред сѐ ќе биде наменето за локалните сточари и за Националниот парк „Галичица“, каде ќе служи за исхрана во репродуктивниот центар за европски елени.

Одржливото управување со влажните ливади во Преспа се реализира во рамки на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa-Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.