Одржливото управување со влажните ливади има исклучително значење за зачувувањето на природните вредности на Преспа. Со редовното косење се обезбедуваат поволни услови за опстанок на бројни растителни и животински видови, а воедно се поддржуваат и одржливите земјоделски и сточарски практики. Притоа, добиеното сено косењето ќе биде предадено на локални сточари и на Националниот парк „Галичица“, каде што ќе се користи за потребите на репродуктивниот центар за европскиот елен.
На тој начин, оваа активност претставува успешен пример за интегриран и цикличен систем на одржливо управување, во кој институциите, заштитените подрачја и локалната заедница заеднички придонесуваат за зачувување на природата, а придобивките повторно се враќаат кај луѓето и екосистемот.
Притоа, како дел од овогодинешните активности, ќе биде спроведена и фитоценолошка анализа, со цел преку научни методи да се следи развојот на растителните заедници и да се оцени влијанието на применетите мерки за управување врз биолошката разновидност и еколошката состојба на влажните ливади.
Одржливото управување со влажните ливади во Преспа се реализира во рамки на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa-Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.