Светски ден на влажните живеалишта

Денеска го прославуваме меѓународниот ден на влажните живеалишта. Ова се едни од најпродуктивните екосистеми на планетата Земја и едни од најкорисните – во отсуство на пречистителни станици, крајбрежните шуми, мочуриштата и блатата ја преземаат оваа улога и отстрануваат барем дел од материите кои не треба директно да завршат во нашите реки и езера, заедно со водата која ја користи човекот за секакви потреби пред да ја испушти. Сепак, во последните неколку децении, не знаејќи го ова во целост, ги имаме десеткувано нивните површини и тие едвај се борат со напливот од нечистотии кои завршуваат во нив. Кај нас, едно од најважните и најдобро сочуваните влажни живеалишта е Преспанското Езеро, заедно со неговото „мочурливо“ крајбрежје, особено северниот брег долж кој се протега паркот на природа „Езерани“ полн со влажни ливади, канали, крајбрежни шуми, потопени трски итн. Овие живеалишта делумно ги филтрираат водите кои се слеваат во езерото и штитат од ерозија или евентуални нагли поплави, но нивните површини се под огромен притисок од човекот.

По изминатата деценија, благодарение на уникатната прекугранична размена на знаење и искуства во рамките на мрежата ПреспаНет и наталожените искуства од бројни успеси и грешки, денес може да се пофалиме со првите успешни активности за реставрација на влажни живеалишта во Преспа во Македонија. Почнавме со мапирање на влажните живеалишта за да видиме каде сѐуште преостануваат петна од овие живеалишта и потоа ги означивме најдобрите кандидати за реставрација и управување. Во меѓувреме се запознавме со локалното население и ги запознавме нивните интереси.

До денес, со огромна поддршка и помош токму од Преспани и од вработените во заштитените подрачја во регионот, успеавме да искосиме 15 хектари влажни ливади со што отстранивме 59 тони органска материја која инаку ќе завршеше во езерото и ќе придонесеше до неговото брзо стареење. Од друга страна пак, домашните животни на локалните фармери и елените во репроцентарот на НП Галичица добија значајна прихрана од 4000 произведени бали сено. Оваа активност е неверојатен пример како заштитата на природата преку правилно управување може да биде корисно и дури лукративно за човекот. Имено, спроведовме и дополнителни истражувања за точната вредност на искосениот материјал и заклучокот е дека сеното добиено со ова косење би вредело слично колку и генералната вредност на сеното денес на пазарот во Македонија и конкретно, еден хектар ливади во Езерани можат да ги поддржат потребите на ~3 крави, односно ~25 овци. Со 234 хектари државно земјиште од влажни ливади во Преспа и 210 хектари приватни влажни ливади, потенцијалот е секако присутен за слични активности да спроведуваат приватни лица, но и јавните установи и да обезбедат дополнителни средства притоа штитејќи го езерото од прерано стареење!

Особено сме горди на обновата на евлови шуми во Преспа. Ова е приоритетно живеалиште во Европа, што значи дека неговото зачувување носи и дополнителна тежина. Успешната обнова на овие крајбрежни шуми беше за прв пат спроведена во Македонија токму во Преспа и од МЕД, но и за прв пат во целиот прекуграничен преспански регион. Горди сме, бидејќи преку овој успех и со помош на мрежата ПреспаНет, успеавме нашите позитивни искуства и знаења да ги пренесеме и отаде границите. Грчка и албанска Преспа сега исто така имаат обновени евлови шуми; уште еден пример дека природата не познава граници, а не треба ни нејзината заштита. Беа засадени повеќе од 3.000 садници на евла, на површина од помалку од еден хектар, во атарот на Долно Перово, во рамки на заштитеното подрачје Езерани. Активностите беа реализирани со помош Асамати (ЈП Национални Шуми), Општината и ренџерскиот тим од областа. При тоа беа проширени знаењата за евлите и изградени капацитети за пошумување на садници од овој вид. Местата за пошумување ги биравме така што би понудиле што поголема поддршка на природната обнова која се случува во Преспа, но и за што поуспешно да ги поврземе постоечките изолирани петна од евла и да промовираме генетски проток.

За крај, највозбудлив е фактот дека ќе продолжиме со овие активности, бидејќи крајот на еден проект не значи и крај на потребата од заштита. Благодарение на финансиска помош од фондацијата за природа Преспа-Охрид (PONT) во следните три години ќе можеме да продолжиме со сите активности за заштита на влажните живеалишта, овој пат со уште поголем интензитет благодарение на стекнатите искуства и самодоверба. Дополнително, од оваа година ќе ја истражуваме изводливоста на активности за ерадикација на инвазивни растителни видови во Преспа – овие растенија ги „крадат“ ресурсите од вегетацијата која природно треба да се развива таму и придонесуваат во обраснување на просторот во живеалишта кои играат несоодветни улоги, а со тоа можат да му се закануваат на локалниот биодиверзитет.