Нови евлови шуми за Езерани
Преку интензивна работа последниве неколку години дознавме каде се наоѓаат евловите шуми во Преспа, кои се заканите со кои се соочуваат и беше изработена физибилити студија преку која ги идентификувавме парцелите во ПП „Езерани“ кои се најпогодни за реставрација на ова приоритетно живеалиште за цела Европа.
На крајот од 2020та спроведовме и пилот активност преку која неколку млади евли со локално потекло пуштија корења во претходно избрана парцела и се сега на пат кон воспоставување на нова шума во заштитеното подрачје!
Во 2021ва, со почеток на „Проект Преспа“, одиме чекор понатаму каде нашата подрачна канцеларија во Ресен започна соработка со расадникот Асамати на подрачното шумско стопанство Преспа на ЈП Национални Шуми. Сериозната реставрација бара и сериозни капацитети кои ги најдовме преку оваа нова соработка. ПШС Преспа успешно подигнаа млади евли од локално семе собрано од тимот на МЕД, со цел зачувување на локалниот генетски диверзитет. Евлите се во одлична состојба и ќе бидат згрижени од страна на ПШС Преспа и МЕД сѐ до моментот на нивно засадување во ПП „Езерани“ зимата која следи.
Новите евлови шуми создаваат живеалишта за голем дел од преспанскиот биодиверзитетот а со тоа и за голем дел од жителите на влажните живеалишта долж крајбрежјето на езерото. Влажните живеалишта околу езерото се и неговите природни бубрези и дополнително помагаат да се одржуваат резервите со подземни води кои пак штитат од нагли промени во водостојот на кои сме сведоци во последните неколку децении. Се надеваме дека од година во година ќе можеме значително да ги зголемиме површините под ова приоритетно живеалишта низ Преспа користејќи локално семе, а со тоа ќе помогнеме во нејзиното зачувување преку локални решенија!
Активностите се дел од проектите „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ПреспаНет“ (2018-2021) и „Проект Преспа“ (2021-2024) спроведени во Македонија од страна на МЕД преку ПреспаНет мрежата и финансирани од PONT и Aage V. Jensen
Прирачник за живеалишта
Научете да ги препознавата најкарактеристичните растителни и животински видови во живеалиштата долж преспанското крајбрежје. Преземете ги различните поглавја од прирачникот (со намален квалитет во PDF) и станете експерт за живеалишта на следните линкови:
- Вовед
- Блатна вегетација
- Водна вегетација
- Ливадска вегетација
- Панонски степски песочници
- Шумска вегетација
- Монокултури
- Голи камења и карпи со ретка вегетација
Примерок од печатениот прирачник може да добиете штом се упатите да истражувате во Преспа и не посетите во нашата подрачна канцеларија во Ресен !
За полесно да се снајдете околу Преспа со топонимите споменати во прирачникот, преземете го нашиот лифлет за живеалишта со карта од прекуграничниот преспански басен.
„Типови на живеалишта“
Тоа се местата или „хабитатите“ кои живиот свет на Земјата би ги нарекол свој дом, и заедно ја сочинуваат биолошката разновидност на нашата планета.
Прочитајте повеќе за типовите на живеалишта низ прекуграничната Преспа, или пак посетете ги со помош на кусиот прирачник во електронската верзија од нашиот нов леток, подготвен како дел од проектот на „ПреспаНет“ – „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на „ПреспаНет““, финансиран од PONT и Aage V. Jensen Charity Foundation, со поддршка од EuroNatur, наскоро достапен и во печатена верзија!
Ден на биодиверзитетот 22.05.2020
Придржувајќи се до сите мерки за справување со пандемијата МЕД вложи огромен труд за да го одбележи овогодинешниот ден на биодиверзитетот. Заедно со нашите партнери од Грција (SPP) и Албанија (PPNEA) ги пребројавме паровите од розикавиот и кадроглавиот пеликан на големото и малото Преспанско Езеро. Додека се движевме по предодредените точки за броење се сретнавме со нашите соработници од паркот на природата „Езерани“ и волонтери и активисти од регионот кои ни помогнаа нашата тура да ја завршиме на едно од најспецијалните места во нашата држава – островот Голем Град. Но, да не должиме премногу, дел од дневната авантура може да ја видите на фотографиите и видеата кои ги споделувавме во живо на фејсбук:
Markova Noga Шумска желка/Hermann’s torotise Бел штрк/White stork Орел змијар/Short-toed snake eagle Блатна перуника/Yellow иris Ezerani Ноќни чапји/Black-crowned night heron Селски ластовички/Barn swallows Македонска гуштерица/Erhaard’s wall lizard Golema Reka Јајца од желка/Tortoise eggs Езерска жаба/Marsh frog Полноглавци/Tadpoles Гоелми корморани/Great cormorants Блатна школка/Swan mussel Сива чапја/Grey heron Golem Grad Golem Grad
Прва точка: броиме на локалитетот Маркова Нога и средба со желка
Втора точка: Наколец-Штрбово и накусо за влажните живеалишта во Преспа
Парк на природата (ПП) „Езерани“, средба со Ајман Ал-Мала – раководителот на телото за управување со ова заштитено подрачје
Трета точка: ПП „Езерани“
Трета точка: Набљудувачницата во ПП „Езерани“
Четврта точка: Сир Хан, средба со безопасен жолт смок
Порака од нашите соработници од Националниот парк „Галичица“
Порака на англиски од с. Коњско до нашите соработници во Грција и Албанија. Петтата точка беше во с. Стење.
Приближување до последната шеста точка: островот Голем Град
обиколка околу островот Голем Град
Голем Град – симбол на биодиверзитетот
Првата прекугранична карта на крајбрежни хабитати во Преспа
Во 2018та МЕД со помош на бројни експерти ги картираше Македонските крајбрежни хабитати на Преспанското Езеро. Во текот на 2019та PPNEA го изработи истото на Албанската страна од крајбрежјето, со што се создадоа услови да се изработи првата целокупна прекугранична карта на живеалиштата долж Преспанското крајбрежје.
Во моментот се ажурира и хабитатната карта долж Грчкото крајбрежје од езерото. Со помош на комбинираната хабитатна карта, владите на трите држави и сите други еколошки чинители ќе можат подобро да се координираат и да ја зголемат ефективноста на нивните реставрациски и останати конзервациски мерки.