Започна детален мониторинг (по методологијаta залови-означи-пушти [capture-mark-recapture]) на македонскиот мрморец (Triturus macedonicus, вид на опашест водоземец) во Симонческа Локва на планината Галичица. Во тек на две сесии заловувавме мрморци со помош на посебни водни стапици (aquatic funnel traps). За време на двете сесии беа фотографирани уникатните стомачни шари на сите заловени единки за нивно препознавање во случај на ре-заловување. Овој ефикасен и проверен метод за одредување на големината на популацијата на опашести водоземци за прв пат се спроведува во Македонија и е уште еден доказ за плодната соработка помеѓу НП Галичица и МЕД. Разработувањето и примена на вакви стандардизирани методи се клучни за аспирациите на Македонија кон Европската Унија. Македонскиот мрморец се наоѓа на вториот додаток (Annex II) на Европската директива за живеалишта, што значи дека нивното присуство некаде го прави даденото подрачје кандидат за заштитено NATURA 2000 подрачје, и ЕУ налага да неговите популации бидат контонуирано мониторирани.