„Типови на живеалишта“

Тоа се местата или „хабитатите“ кои живиот свет на Земјата би ги нарекол свој дом, и заедно ја сочинуваат биолошката разновидност на нашата планета.

Прочитајте повеќе за типовите на живеалишта низ прекуграничната Преспа, или пак посетете ги со помош на кусиот прирачник во електронската верзија од нашиот нов леток, подготвен како дел од проектот на „ПреспаНет“ – „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на „ПреспаНет““, финансиран од  PONT и Aage V. Jensen Charity Foundation, со поддршка од EuroNatur, наскоро достапен и во печатена верзија!

Меморандум на соработка со Општина Ресен

Заедничкото дејствување и координацијата се неопходни за конзервацијата на еден геолошки и биолошки комплексен систем како што е Преспанското Езеро и неговите крајбрежни живеалишта. Ова е особено важно кога ќе се земе предвид прекуграничната природа на басенот, а е дополнително нужен приоритет во овие непредвидливи времиња кога мора да делуваме екстремно одговорно при спроведувањето на сите неопходните конзервациски активности.

МЕД и Општина Ресен активно соработуваат уште одамна, а особено за време на последните три години при остварувањето на активностите на проектот за „Зачувување на преспанскиот регион преку заеднички партнерски активности на ПреспаНет“ финансиран од фондациите ПОНТ и Ааге В. Јенсен. На 18.09.2020 во Ресен оваа соработка беше и формализирана преку Меморандум за соработка потпишан од градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски и претседателот на МЕД д-р Славчо Христовски. Посебна цел на Меморандумот е преку разни форми на заеднички активности да се воспостави континуирана соработка помеѓу Општина Ресен и МЕД со цел јакнење на капацитетите на двете договорни страни, поефикасно управување со заштитените подрачја, заштита на биолошката разновидност како и развивање и зајакнување на прекуграничната соработка со соседните земји кои го делат преспанскиот басен, работејќи истовремено за доброто на локалното население.

Дополнително, на состанокот накратко беа дискутирани досегашните заеднички активности во регионот, како и потенцијалните синергии во активностите зацртани во стратешкиот план на МЕД кои во голема мера ќе бидат реализирани за време на следниот проектен период. Една од нив е и конечното адресирање на горливото прашање за ефектот на климатските промени врз овој ранлив екосистем, особено кога станува збор за нивото на езерска вода. Раздвојување на ефектот на климатските промени од човечките активности е приоритетно прашање чиј одговор ќе посочи кон соодветни, односно информирани конзервациски одговори.

Што правевме во 2019?

Реставрација на влажните станишта

По мапирањето на сите крајбрежни живеалишта долж брегот на езерото и составување на мерки за менаџмент предложени до Општина Ресен, МЕД продолжи со подетални истражувања на две важни живеалишта – евлините шуми и влажните ливади.

Истражувањата на влажните ливади ќе ни ги обелоденат точните растителни заедници и нивната примарна продукција, односно точното количество на хранливи материи кои овие живеалишта ги црпат од средината и не дозволуваат да стигнат до езерото. Дополнителни хранливи материи го влошуваат квалитетот на водата и неминовно го убрзуваат стареењето и изумирањето на езерото.

Дополнително, тимовите на МЕД на терен ја опсервираа состојбата на евлините шуми, собраа семенски материјал и работеа на идентификување на најпогодните локалитети за пошумување, односно реставрирање на ова европски значајно живеалиште.

Луѓето и Преспа

Со цел промоција на граѓанска наука помеѓу локалното население МЕД започна серија предавања и теренски настани под името Дивата страна на Преспа. Беа презентирани уникатни и понекогаш хумористични мониторинг примери на различни групи на организми спроведувани локално, со цел да се разбуди љубопитноста помеѓу слушателите за биодиверзитетот и неговата заштита. На теренските активности земаа учество главно ученици од средното училиште “Цар Самоил” и имаа прилика лично да видат некои ендемични растенија и животни на планината Галичица, да ги проучат означените поплации шумски желки во с. Коњско, како и да препознаат блатни растенија и набљудуваат птици во паркот на природата Езерани.

Од друга страна пак, ПреспаНет подготви едукативен пакет со еколошки содржини за најмладите потенцијални граѓански научници од основните училишта. Програмата се однесува на дивите растенија, отсликувајќи ја нивната важност преку лекции за нивната екологија. Некои од лекциите кои се прикладни за спроведување низ дома може да ги најдете на нашиот facebook профил и да ги испробате со вашите најблиски.

Во јули, МЕД беше домаќин на млади еколози од трите држави на Преспанскиот басен, собрани на едно место во НП „Пелистер“ со помош на ПреспаНет. Учесниците имаа прилика да ја запознаат подобро Преспа и да се здобијат со бројни теренски вештини од прва рака. Секојдневно беа одржани научни теренски активности каде се практикуваше дел од методологијата користена за остварување на целите од проектот „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ПреспаНет”.

Заштита на дивиот свет

За да дознаеме што повеќе за крупните цицачи, втора година по ред МЕД и ПреспаНет поставија 20 камера замки во Пелистер и Галичица. Со почеток во мај, околу 50-тина дена беа редовно проверувани фотографиите на камерите, кои на крајот од сесијата достигнаа вкупен број од 416 со девет различни опсервирани вида цицачи. Посебен акцент се даде на истражувањата на кафеавата мечка, чиј измет беше собиран низ целиот прекуграничен регион со цел да се дознае што повеќе за исхраната на овој вид и неговото движење, односно употреба на просторот. Дополнително, генетски анализи на собраните примероци ќе ни помогнат да а процениме вкупната популација на мечки во Преспа.

Птиците во Преспа

Во Преспа може да се опсервираат голем број на ретки и заштитени водни птици. Дванаесет вида беа мониторирани во текот на 2019: голема и мала бела чапја, црвена чапја, мал корморан, бел и кадроглав пеликан, црвеноглав кожувар, цуцулеста патка, црн кожувар, цуцулест нуркач и различни видови трскари. Добиените податоци најпрвин ќе допринесат кон познавањето на големината на гнездечките популации од овие видови и дополнително ќе не информираат за ефектите на тековните закани.

Македонското еколошко друштво отвори подружница во Ресен

Македонското еколошко друштво (МЕД) на 09 јули 2018 година за прв пат од своето формирање во 1972 година, својата работа и официјално ја прошири во преспанскиот регион, отворајќи регионална канцеларија во Ресен.

Отворањето на подружницата во Преспа претставува важен исчекор за нас, имајќи на ум дека ние сме активна членка и основач на прекуграничната мрежа ПреспаНет, којашто се формираше во 2013 година и од тогаш до сега спроведува акции за заштита на преспанскиот регион во Македонија, Албанија и Грција. Канцеларијата ја отвори извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска, истакнувајќи ја важноста во заштитата на природата во преспанскиот регион преку прекуграничната соработка.

„Прекрасно е чувството кога заштитата на природата ќе обедини толку луѓе и нема да познава граници. Преспанското езеро и преспланскиот регион се жариште на биолошка разновидност коешто потребно е да го заштитиме за следните генерации. Се надевам дека со отворањето на оваа канцеларија нашата работа и посветеност за зачувување и истражување на Преспа ќе се интензивира и ќе наиде на добра соработка и од сите важни чинители во регионот и на национално ниво“, изјави Брајаноска.

МЕД во Преспа започна да спроведува мониторинг на крупни цицачи, мониторинг на растенија и водни живеалишта на прекугранично ниво во рамки на проектот „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ПреспаНет“, финансиран од Фондот за природа за регионот Преспа – Охрид (ПОНТ) и Јенсен фондацијата. На настанот по повод отворањето на регионалната канцеларија се обрати и Мирјам Де Конинг, извршна директорка на Фондот за природа за регионот Преспа – Охрид (ПОНТ).

„Заштитата на природата во преспанскиот регион е наш приоритет и како финансиери сакаме да бидеме присутни долгорочно поддржувајќи ја работата на локалните невладини организации, заштитените подрачја во трите земји, како и локалното население преку активности поврзани со екотуризам и одржливо користење на природните ресурси“, изјави Де Конинг.

Во изминатите години освен мониторинг и заштита на биодиверзитетот во Преспа, МЕД развиваше и едукативни програми со училиштата во регионот, а оствари и постојана соработка со управите на националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“, и Општина Ресен како управител на Паркот на природа „Езерани“ и споменикот на природа „Преспанско Езеро“.

Постојан координатор на регионалната канцеларија на МЕД во Ресен е Даниела Заец, раководител на проекти во МЕД.