Прирачник за живеалишта
Научете да ги препознавата најкарактеристичните растителни и животински видови во живеалиштата долж преспанското крајбрежје. Преземете ги различните поглавја од прирачникот (со намален квалитет во PDF) и станете експерт за живеалишта на следните линкови:
- Вовед
- Блатна вегетација
- Водна вегетација
- Ливадска вегетација
- Панонски степски песочници
- Шумска вегетација
- Монокултури
- Голи камења и карпи со ретка вегетација
Примерок од печатениот прирачник може да добиете штом се упатите да истражувате во Преспа и не посетите во нашата подрачна канцеларија во Ресен !
За полесно да се снајдете околу Преспа со топонимите споменати во прирачникот, преземете го нашиот лифлет за живеалишта со карта од прекуграничниот преспански басен.
„Типови на живеалишта“
Тоа се местата или „хабитатите“ кои живиот свет на Земјата би ги нарекол свој дом, и заедно ја сочинуваат биолошката разновидност на нашата планета.
Прочитајте повеќе за типовите на живеалишта низ прекуграничната Преспа, или пак посетете ги со помош на кусиот прирачник во електронската верзија од нашиот нов леток, подготвен како дел од проектот на „ПреспаНет“ – „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на „ПреспаНет““, финансиран од PONT и Aage V. Jensen Charity Foundation, со поддршка од EuroNatur, наскоро достапен и во печатена верзија!
Истражување и управување со влажни ливади
Согласно сите утврдени значајности, уште од почетокот на 2019-та година, тим експерти на МЕД отпочна со пилот активности за управување на влажните ливади околу Преспанското Езеро. Најпрвин, беше утврдена нивната дистрибуција долж преспанското крајбрежје (Слика 1) со вкупна површина од 547 ha. Хабитатната карта откри четири различни типа влажни ливади во македонскиот дел од Преспа:
- Медитерански високо тревести ливади (Mediterranean tall humid herb grasslands of the Molinio-Holoschoenion),
- Ливади со Carex (Beds of large Carex spp.),
- Ливади со Calamagrostis (Calamagrostis epigeios comm.),
- Ливади со Trifolium. (Helleno-Moesian riverine and humid Trifolium meadows)
Ливадите со Calamagrostis се најшироко застапени со нешто помалку од 400 ha. Следеше пресметка на биомаса преку екстраполации на анализите од примероци собрани од терен. Вкупната биомаса на влажните ливади во регионот изнесува нешто помалку од 2000 тони, од кои ливадите со Calamagrostis изнесуваат дури ~1200 тони.
За да го потврдиме социо-економското, како и културолошкото значење на влажните ливади, беа спроведени интервјуа (во форма на прашалници-анкети) со локалните жители во поголем број населени места на територијата на општина Ресен. Севкупно беа пополнети 59 прашалници со сопственици на влажни ливади. Од нив, 44% ги косат своите ливади со што ја задоволуваат целосната прехрана за својот добиток, а 56% велат дека немаат потреба од сено, па затоа и не ги косат. Половина од овие сепак би ги коселе своите ливади доколку добиваат субвенции за произведеното сено.
Беа спроведени и краткотрајни истражувања на биодиверзитетот кои открија дури три нови вида пајаци за Македонија и три нови вида скакулци за Преспа, но и огромни негативни разлики во видовиот диверзитет на ливадите изложени на земјоделските практики во регионот.
Препораките кои произлегоа од резултатите добиени од активностите во 2019та година дадоа неколку насоки за подобрување на состојбата на влажните ливади. Меѓудругото, беше предложено спроведување на пилот проект за стимулирање на летно косење на влажните ливади, отстранување на сеното (биомасата), и распределување до локалните сточари за употреба како храна за добитокот. Хронолошки преглед на пилот активностите би изгледал вака:
(1) Селекција на парцели од влажни ливади за косење
Во рамки на оваа активност беше направен систем од критериуми за избор на соодветна парцела на која би се спровело косењето:
- да бидат во рамки на Паркот на природа „Езерани“.
- да не бидат во рамки на зона за строга заштита.
- да бидат во државна сопственост.
- да бидат просторно дитрибуирани како „пуфери“ помеѓу насади – овоштарници.
- да бидат поголеми од 2 хектари.
- да има пристапни патишта за движење на механизација за косење.
(2) Комуникација и партнерство со општина Ресен како управувач со ПП „Езерани“ – во оваа активност се опфатени рабтони состаноци и теренски посети со претставници на заштитеното подрачје.
(3) Избор на соодветни техники на косење и ангажирање на косачи – Беа ангажирани локални косачи со соодветна техника и механизација за косење за добивање на употребливо сено.
(4) Косење на ливадите – оваа активност се спроведе во втората половина од месец август. Вкупно беа искосени 16.054 m2. Од таа искосена површина 11.858 m2 припаѓаат на заедницата претставена од Calamagrostis epigejos и 4.196 m2на состоини од големи форми на Carex spp.
(5) Сушење, собирање и балирање на сеното – овие активности беа спроведени до крај на август. Вкупно беа избалирани 350 бали на сено од ливадите.
(6) Избор на локални сточари и распределба на сеното – претставници на општина Ресен и МЕД го распределија балираното сено.
Ден на биодиверзитетот 22.05.2020
Придржувајќи се до сите мерки за справување со пандемијата МЕД вложи огромен труд за да го одбележи овогодинешниот ден на биодиверзитетот. Заедно со нашите партнери од Грција (SPP) и Албанија (PPNEA) ги пребројавме паровите од розикавиот и кадроглавиот пеликан на големото и малото Преспанско Езеро. Додека се движевме по предодредените точки за броење се сретнавме со нашите соработници од паркот на природата „Езерани“ и волонтери и активисти од регионот кои ни помогнаа нашата тура да ја завршиме на едно од најспецијалните места во нашата држава – островот Голем Град. Но, да не должиме премногу, дел од дневната авантура може да ја видите на фотографиите и видеата кои ги споделувавме во живо на фејсбук:
Markova Noga Шумска желка/Hermann’s torotise Бел штрк/White stork Орел змијар/Short-toed snake eagle Блатна перуника/Yellow иris Ezerani Ноќни чапји/Black-crowned night heron Селски ластовички/Barn swallows Македонска гуштерица/Erhaard’s wall lizard Golema Reka Јајца од желка/Tortoise eggs Езерска жаба/Marsh frog Полноглавци/Tadpoles Гоелми корморани/Great cormorants Блатна школка/Swan mussel Сива чапја/Grey heron Golem Grad Golem Grad
Прва точка: броиме на локалитетот Маркова Нога и средба со желка
Втора точка: Наколец-Штрбово и накусо за влажните живеалишта во Преспа
Парк на природата (ПП) „Езерани“, средба со Ајман Ал-Мала – раководителот на телото за управување со ова заштитено подрачје
Трета точка: ПП „Езерани“
Трета точка: Набљудувачницата во ПП „Езерани“
Четврта точка: Сир Хан, средба со безопасен жолт смок
Порака од нашите соработници од Националниот парк „Галичица“
Порака на англиски од с. Коњско до нашите соработници во Грција и Албанија. Петтата точка беше во с. Стење.
Приближување до последната шеста точка: островот Голем Град
обиколка околу островот Голем Град
Голем Град – симбол на биодиверзитетот
Првата прекугранична карта на крајбрежни хабитати во Преспа
Во 2018та МЕД со помош на бројни експерти ги картираше Македонските крајбрежни хабитати на Преспанското Езеро. Во текот на 2019та PPNEA го изработи истото на Албанската страна од крајбрежјето, со што се создадоа услови да се изработи првата целокупна прекугранична карта на живеалиштата долж Преспанското крајбрежје.
Во моментот се ажурира и хабитатната карта долж Грчкото крајбрежје од езерото. Со помош на комбинираната хабитатна карта, владите на трите држави и сите други еколошки чинители ќе можат подобро да се координираат и да ја зголемат ефективноста на нивните реставрациски и останати конзервациски мерки.